Поранешниот Ф1 возач, Јарно Трули вели дека состојбата на модерната Формула 1 е „смешна“, бидејќи возачите повеќе време ги штедат гумите и моторот отколку што се тркаат и жали за состојбата во која се неговите поранешни ривали како Алонсо, Раиконен, Хамилтон и Фетел.
„Што ли стана со Формула 1? Како успеаја толку да ја ’разредат’. Смешно е кога ќе сфатите дека во неделата во Сингапур возачите беа 10 до 12 секунди поспори по круг од времињата поставени на квалификациите. Дванаесет секунди! Тоа е аспурдно. Можам да замислам што чувствуваат Кими и Фернандо, кои се тркаа кога Ф1 беше Ф1. Основата на тркањето е да ’туркаш’ до целта, но сега возачите се поспори, мораат да внимаваат на горивото, на гумите и веќе не го знаеме нивниот лимит. Мора да се направи нешто пред штетата да е преголема. Вистинска штета“, вели Трули.
Италијанецот смета дека Хамилтон ја има предноста пред Фетел оваа година.
„Хамилтон едноставно не греши и е супериорен во однос на Фетел. Сонот на Ферари повторно се уништува“, вели Трули, кој во 14 сезони имаше 252 трки.
Трули се повлече од Ф1 во 2011 година, по што влезе во бизнисот со вино, станувајќи ко-сопственик на винаријата „Подере Касторани“ во неговиот роден крај во областа Абруцо.