Многу од обичните тениски фанови беа изненадени што Марија Шарапова не доби широка поддршка кога доби 15-месечна суспензија за позитивниот допинг-тест на мелдониум, а „непријателскиот“ пречек продолжи и кога таа се врати на терените во април.
Крис Еверт, 18-кратната гренд слем шампионка, која сега е ТВ-коментатор, вели дека воопшто не е изненадена бидејќи Русинката никогаш немала пријателски односи со никој од своите ривали.
„Самата Марија изјавуваше дека не ѝ е грижа за другите девојки на турнејата. Таа не зборува со другите во соблекувалната. Секој смее да има свое мислење и таа не е популарна кај тенисерките, бидејќи не е пријателски расположена. Зошто тие би ја пречекале со отворени раце? Тоа би било лажно, нели?“, вели Еверт во интервју за „Тајмс оф Индија“.
Еверт зборуваше и за најавениот кам-бек на Серена Вилијамс, откако освојувачката на рекордни 24 гренд слема изрази желба да се врати на Австралија опен во 2018.
„Пред да е породи, таа ми велеше сигурно се враќам. Јас ѝ кажував дека ќе видиме. Никогаш не знаете што ќе биде потоа. Знам дека кога се родија моите деца, не помислував да излезам од куќата. Сакав да бидам само со нив. Според тоа што го гледам на Фејсбук и Инстаграм таа е луда по својата ќеркичка и ќе биде многу тешко да се концентрира на тенисот“, додава Еверт.