Top Sport

Џеко со емотивна приказна за својот животен пат: Бевме мртви!

„Бевме мртви!“. Со ова Един Џеко ја почнува својата емотивна животна приказна во текстот за „Плејерс трибјун“, каде што професионалните спортисти го кажуваат својот пат од трњата до ѕвездите.

Џеко текстот го почнува со легендарниот момент за Манчестер сити во 2012 година. На Сити им беше потребна победа во последното коло на шампионатот за прва титула од ПЛ, а играа со Квинс парк ренџерс, кои се бореа за опстанок. Сити дома губеше со 2:1, додека ривалот за титулата, Манечстер јунајтед победи со 1:0 кај Сандерленд и чекаше мечот да заврши да почне славјето. Во тој момент, Џеко израмни во 92. минута од мечот.

„Бевме мртви. Како никој да не знаеше да се носи со притисокот. Кога губите со 2:1 во судското продолжение и во видео-игра немате шанси за пресврт. Невозможно. Кога дадов гол врескав: ’Ајде, ајде, има уште три минути’. Можеби уште не сме мртви. Тогаш Серхио Агуеро погоди и ми олесна. Прва титула по 44 години и тоа на таков начин? Во фудбалот никогаш не треба да се откажуваш“, објаснува Џеко.

Тој вели дека во тој момент му било прекрасно што ги имал колегите од Балканот, Коларов и Савиќ. Детството на босанскиот репрезентативец беше одбележано со војната во оваа земја во 1990-тите.

„Во текот на војната, ги прекинувавме мечевите поради сирените. Но, кога си дете не размислуваш за опасноста. На шест години знаев што се случува, но не размислував за тоа. Родителите беа одговорни за тоа. Кога престана војната, четири години подоцна, сѐ беше уништено. Градот го немаше. Се сеќавам како татко ми ме носеше на првиот тренинг на Железничар, кога се возевме со два автобуси и со трамвај за да стигнеме. Трениравме во школото, бидејќи стадионот беше уништен“, пишува Џеко.

Италија е негов втор дом, откако си најде вистинско место во Рома.

„По војната, бевме генерација на деца со големи соништа. Сакавме да играме фудбал. Сега сум среќен кога во Сараево се зборува за луѓе како Миралем Пјаниќ. Го најдов фудбалот, го најдов мојот мир. Тоа е мојот живот. Понекогаш сопругата ме фаќа како гледам Серија А или Премиер лига и ме прашува: ’Нели е доста фудбал?’. Ќе се насмеам бидејќи го знае одговорот. Фудбал никогаш доста“, додава Џеко.

 

Scroll to Top