Капитенот на Астон Вила, Џон Тери потврди дека го скршил стапалото при саботниот пораз на англискиот второлигаш од 2:1 од Шефилд Венсдеј.
36-годишниот долгогодишен играч на Челси ја доби повредата само 20 минути по стартот на мечот, по што веднаш беше заменет на „Вила Парк“.
„Разочаран е навистина мал збор за да го опишам моето чувство денеска, по снимките кои ги добив. Ќе направам сè да се вратам што е можно побргу“, напиша Тери.
Прогнозите велат дека паузата ќе трае најмалку три месеци бидејќи се работи за скршеница на петтата метатарсална коска.
Тери, кој оваа година реши да заигра за тимот кој го сакал како дете, ги имаше одиграно сите 16 натпревари во Чемпионшип оваа година, и тоа со целосна минутажа. Ова беше прв домашен пораз на тимот на менаџерот Стив Брус оваа сезона.