Даниел Рикардо се потсмеваше со својот поранешен колега, Себастијан Фетел, велејќи дека притисокот во Ферари ја покажува разликата на формата на Германецот сега и во четирите доминантни сезони со Ред бул.
Рикардо возеше една сезона со Фетел како колега во Ред бул, пред Германецот да замине во Ферари. Сега, откако Фетел предноста од првиот дел од сезоната ја „претвори“ во разлика од 40 поени на шест трки пред крајот, Рикардо не се воздржа.
„Дали сум изненаден од падот на формата? И така никогаш не мислев дека е многу добар“, изјави со смеење Рикардо на прашањето на „Моторспорт-тотал“.
Кога се врати на сериозниот разговор, Австралиецот шпекулираше за причината на падот во формата.
„Можеби во Ферари има поинаква организација отколку во Ред бул. Тоа се предизвиците кога возиш за Ферари, кога носиш поголем товар на грбот. Сите сме луѓе. Хамилтон беше фантастичен оваа година и немаше промени во формата за разлика од Себ“, објаснува Рикардо.