Пако Алкасер постигна два гола за да им ја донесе на Барселона десеттата победа во 11 натпревари во Ла лига, откако со 2:1 ја совладаа Севилја на „Ноу Камп“ во јубилејниот 600. натпревар за Лео Меси.
Барселона почна фуриозно во мечот и во првите 10 минути можеа да постигнат најмалку два гола, пред Севилја некако да ја врати рамнотежата во мечот. Пако Алкасер ја искористи одличната топка за да го совлада Давид Сорија во 23. минута по грешка на дефанзивецот Ескудеро.
Домаќините продолжија со доминација до крајот на полувремето, пред Севилја да се врати во 59. минута преку Гвидо Пизаро по корнер-ситуација. Сепак, Пако успеа да го стави во сенка „славеникот“ Меси, откако по одличното додавање на Ракитиќ се најде во вистинска шанса за да донесе 2:1 водство.
Со десеттата победа во 11 кола во Примера, „Блауграна“ е убедлива на врвот со 31 поен, пет повеќе од изненадувачката Валенсија на второто место, и дури 11 повеќе од Реал Мадрид, кој е само четврти, но кој утре го игра својот меч со аутсајдерите Лас Палмас.