Албанија е во групата Б заедно со Хрватска, Италија и Шпанија. Албанците го отвораат Европското првенство во сабота од 21 часот со натпреварот против Италија на Вестфаленштадион во Дортмунд.
Ова ќе биде втор настап на Албанија на континенталните натпреварувања (дебито беше во Франција во 2016 година), а фудбалската еуфорија ја тресе оваа земја. Дури 50.000 Албанци, од кои огромното мнозинство живеат во Германија, се очекува да го следат дуелот со Италија, а репрезентацијата предизвика вистински политички скандал во Албанија, како што пишува шпански АС.
Имено, албанскиот парламент, радикално го промени својот план за работа поради Европското првенство, па повеќето од 140-те претставници на Собранието ќе отпатуваат во Дортмунд. Тамошните медиуми пишуваат дека поради тој натпревар редовната и планирана седница на парламентот нема да се одржи в четврток.
Преместена е за среда, за пратениците кои ќе одат во Германија, да имаат доволно време за патувањето. Проблемот немаше да биде толку голем ако беше само првиот натпревар. Скандалот излезе бидејќи огромното мнозинство на пратеници ќе останат на следните два меча во групата против Хрватска во Хамбург на 19 јуни и против Шпанија во Дизелдорф на 24 јуни. Поради ова, во тој период нема да има редовни пленарни седници на парламентот, што предизвика гнев кај опозицијата.
Лидерот на Демократската партија Газмент Барди побара од мнозинството со кое претседава премиерот Еди Рама да го разјасни ова „прекршување на прописите“.
„Одлучивте Собранието да го третирате како ваш приватен дуќан. Како претседавач ќе треба да им дадете на граѓаните убедлива причина зошто седницата е поместена од четврток за следната среда. Ова е ваша обврска, бидејќи таа одлука сте ја донеле без никаква консултација со опозицијата, ако патувањето на Европското првенство е навистина вистинската причина, тогаш тоа е срамен чин и се оградуваме“, рече Барди.