Новак Ѓоковиќ често изјавува дека со внимание ги следи младите тенисери од нашиот регион и дека секогаш е подготвен да им помогне со тоа што ќе го пренесе своето огромно и драгоцено искуство.
Така, минатата есен, на своите подготовки во Дубаи ги повика најдобриот македонски тенисер Калин Ивановски и најголемата српска тениска надеж Хамад Меџедовиќ заедно да тренираат.
За жал, нашиот Калин поради повреда, повеќе од шест месеци е надвор од тениските терени, а неодамна во Германија го оперираше и колкот. Секако дека еден од најтешките периоди за секој спортист е кога мора да направи долга пауза, поради повреда. И, веројатно, повредата многу побргу заздравува, отколку менталната криза што остава последици за успешно да се врати формата од пред повредата.
Токму за тоа го прашавме Новак, каков совет би им дал на младите спортисти за полесно да ја пребродат менталната криза, кога поради повреда мораат да бидат одалечени од спортските терени и тренинзи.
„Многу ми е жал за тоа што му се случи на Калин бидејќи тој е одлично момче и кариерата му одеше во нагорна линија. Повредата му е мала пречка на тој пат кој го одеше и само така треба да гледа на неа, како на еден предизвик, кој треба да го реши и преброди. Потоа, тоа ќе му остане како едно ново искуство, на кое треба да му пристапува од перспектива дека тоа ќе го направи уште посилен. Јас не знам колку неговата операција била тешка, но штом се оперирал сигурно била сериозна. Но, тој е млад, а младото тело е и здраво тело, така што сум сигурен дека тој тоа ќе го преброди и ќе се врати на тенисот.
На заедничките подготовки во Дубаи, ние за тоа разговаравме, тој многу работи ме прашуваше, и сега не би му ги повторувал, бидејќи тој знае дека своите обврски и тренинзите не ги гледа како такви, туку како свој животен стил, како животен избор. Тоа е многу важно ако тој, и било кој друг млад тенисер или спортист, сака да стигне до највисокиот врв. А, Калин е тенисер кој има одличен сервис, има одлична игра, висок е и има голема желба. Јас видов колку го сака тенисот и колку сака да напредува.
Многу работи мораат да се поклопат, но неговиот став мора да биде дека тој е решен дека сè во својот живот ќе го подреди на тоа да биде што е можно поздрав и физички и емотивно и ментално и да направи сè за да својот ум и своето тело ги доведе до оптимално ниво за да може тој да настапува на најдобар можен начин. Бидејќи, ако ти не се грижиш за своето тело, не можеш да очекуваш дека ќе успееш. Ова е иднивидуален спорт и сè зависи од тебе. Ти имаш тим на луѓе околу тебе, кои можат да те потсетуваат, но ти си тој кој решава. Тоа беше случај со нашиот Хамад. Тој ја немаше таа дисциплина, тој исправен став за секојдневните обврски надвор од тенискиот терен, кои се подеднакво важни како и овие на теренот. Но, тој тоа го смени и затоа сега е блиску до првите сто на светот. И има потенцијал да оди многу далеку.
Потребна е работа и време. Кога си навикнал да работиш некои работи кои се поинакви од другите луѓе, можеби не се исправни, но рутината ти создава навика и ако е лоша навиката, пак има време сè тоа да се репрограмира во главата.
Му посакувам многу среќа на Калин, секако и на Хамид, и се надевам дека во иднина ќе имаме уште шампиони од нашиот регион“ – изјави Новак за „Топспорт“.
Од специјалниот известувач од Вимблдон
Ненад Живановски