Top Sport

Вимблдон, позади сцената: Сенката на Орвел над тениските терени

Безбедоносните анализи за Лондон говорат дека од моментот кога ќе го напуштите својот дом, во наредните 15 минути ќе бидете уснимени најмалку осум пати од различни сигурносни камери (ЦЦТВ). Практично, ако се упатите од дома до најблиската автобуска или метро станица, за целиот пат ќе бидете следени и снимани од камери поставени на отворено.

Во моментот кога ќе влезете во автобус, метро или воз, снимањето со камери ќе биде превземено од нивна страна. Во една прилика изброив дека во еден дабл декер има околу петнаесет камери, кои се така поставени да почнуваат да ве снимаат уште додека чекате да влезете во автобусот, за цело време додека сте внатре, па до моментот кога ќе го напуштите автобусот.

Дополнително, електронски траг за своето движење ќе оставите со тоа што во автобус или во метро станица можете да влезете само доколку платите со електронска картичка, со што се регистрирате во колку часот на која станица сте влегле, и со кој број на автобус или метро линија сте се возеле, односно во кој правец сте патувале. Мобилниот телефон во џеп и неговото ловење сигнал и прикачување од еден предавател на друг, е секундарниот тракинг за вашето движење.

Во моментот кога ќе излезете од автобусот или ќе ја напуштите метро станицата, повторно вашето движење превземаат да го снимаат “осумте камери од 15-те минути”. И така сте следени од ЦЦТВ сè додека сте на отворено, односно не стигнете до крајната дестинација. Нормално, во случај ако таа не е приватен стан, туку работна просторија, ресторант, шопинг центар, јавна установа, болница, тогаш снимањето продолжува и понатаму.

Истиот воајеризам на Големиот брат ве чека и при враќање назат: кога од точката Б ќе тргнете кон точката А (дома).

2.

Дневно во Лондон со јавен транспорт се превезуваат повеќе милиони луѓе. На Гугул може да се пронајде податокот дека секој ден со автобус се возат шест милиони Лондончани, додека услугите на подземната железница ги користат пет милиони патници. Тој човечки метеж, можеби највпечатливо го има опишано српскиот писател Милош Црњански, во романот Роман за Лондон, опишувајќи ја лондонската подземна станица како челуст од аждаја која секое сабајле (во таканаречениот rush hour) проголтува неколку милиони Лондончани, за повторно да ги изблуе на крајот од работниот ден.

Бројката од неколкуте милиони луѓе кои дневно се движат по лондонските улици и се возат во јавниот транспорт, значи дека секој ден за милиони луѓе постои видео запис и електронски траг каде сè се движеле откако го напуштиле својот дом и во кој час, минута и секунда каде се наоѓале. И така секој божји ден сите 365 дена во годината. Во секој момент, секој чекор на секој Лондончанец или турист е следен и снимен и во некои супер компјутери складиран и чуван.

3.

Меѓутоа, можностите кои ги пружа современата технологија за контрола не застануваат тука. Секој кој патувал од Скопје за Лондон веќе навикнал дека на аеродромот во Лутон повеќе не го пречекува сомничав полициски службеник за да му го провери пасошот. На аеродромот постојат десетина метални порти, пред кои во ред, еден по еден, застануваат патниците кои штотуку слетале.

Процедурата за проверка е едноставна: со едната рака го ставате пасошот на скенер, додека со очите гледате во камерата пред вас. Таканаречената технологија optical recognise во секунда ги скенира вашите зеници, и ги споредува со скенираната фотографија од вашиот пасош. Доколку биометритските податоци се идентични, дебелата метална порта се отвара и со зелено светло ви посакува дека сте добредојдени во Велика Британија. Во случај да постои колизија помеѓу камерата и скенираниот пасош добивате известување со црвено светло дека треба да се јавите на шалтер каде полициски службеник ќе ја изврши проверката рачно.

Освен на аеродромите, ова оптичко препознавање е инсталирано и на некои ЦЦТВ камери кои го следат вашето движење низ градот. Тоа значи дека не само што вашата силуета или физикус се гледаат на мониторот додека сте на јавен простор, туку со зумирање на лицето, очите и зениците во секој момент може да биде откриен и вашиот идентитет (име и презиме, дата на раѓање, адреса на живеење, матичен број).

Ако кон тоа се додаде и доброволната масовна опсесија на луѓето за тетовирање, која е добро осмислен дел од социјалниот инженеринг, а не спонтана трендсетерска појава, со која трајно го обележувате сопствениот изглед да биде уникатен и различен од другите, тоа е опција плус за уште полесно да бидете препознани на камерите. Само една мала тетоважа на солза под окото, или крст на вратот, се непроценлиливи податоци во разоткривање на вашиот идентитет, ништо помалку драгоцени од отисоците на прстите од рацете.

Меѓутоа, доброволното изложување на личниот идентитет продолжува во уште еден интимен сегмент: на социјалните мрежи, со само еден лајк, емотикон или збор трајно се демаскирате каков став имате за одредена општествена појава, а со тоа Големиот брат не само што знае каде се движите, туку и како размислувате. Сето ова води до заклучок дека веќе никаква индивидуалност и субјективност на човекот не постои, а за која не знае Големиот брат т.е. државниот апарат.

4.

Зошто сето ова го пишувам и каква врска има ова со Вимблдон и тенисот?

Сè она што ви се случува во градот Лондон, истото тоа ве очекува и на Вимблдон, но на микро ниво. На мал простор, секој ден густо се збиени и до 50.000 посетители, кои делуваат како неконтролирана хаотична маса кој се движи стихијно меѓу тениските игралишта. По истите траси, по кои се движат и најголемите ѕвезди на тенисот: Ѓоковиќ, Синер, Алкараз, а до пред некоја година и Федерер и Надал. Вистински ноќен кошмар за службите кои се задолжени за безбедноста на турнирот, а особено за оние кои се грижат за безбедноста на тенисерите.

 

Кошмар?! Можеби – но, до пред некој Вимблдон од минатото. Денес, секој посетител се следи на камерите додека остава електронски траг на своето движење во тенискиот комплекс, било преку мобилниот апарат, електронски чекираниот билет при влез на тениското игралиште, или електронски платената поло маичка во шопинг трафиките распоредени во целиот комплекс.

Звучи застрашувачки оваа тотална контрола? Зависи како за кого. Сепак, иднината и не мора да биде толку опскурна доколку системот е демократски и е во сервис на граѓаните. Напротив, како ме убедуваше синот на писателот Џорџ Орвел, Ричард Блер, во интервјуто од 2019., многуте ЦЦТВ дури и се позитивни ако се искористат за борба против криминалот.

За секој лојален граѓанин ваквата целосна контрола може и да му влева сигурност дека Големиот брат може да биде и неговиот Ангел чувар, кој во секој момент му дава спокојство дека некој друг се грижи за неговата безбедност и е гаранција дека секој напад на неговиот интегритет многу полесно и побрзо ќе биде разрешен отколку поранешните долги и заплеткани истраги на инспекторот Поаро и Шерлок Холмс.

Затоа, ако нема злоупотреба на технологијата, тогаш освен криминалците, други најголеми жртви од новата реалност би биле писателите на криминалните романи. Во новото време, „Убиството во Ориент Експрес“, наместо да се истражува на 250 страни, ќе биде разрешено со само еден „фреим“ од надзорната камера.

За среќа, фреимовите на Вимблдон се само во функција на соколовото око, а за тоа главен инспектор на турнирот е нашиот Блаже Трифуновски.

Од специјалниот известувач на Топ Спорт

Ненад Живановски

Scroll to Top