Шпанскиот селектор Луис Енрике не сакаше да одговара за својата одлука повторно да го изостави Жорди Алба од составот и за фактот што има само еден фудбалер на Барселона во репрезентацијата.
Самиот Енрике е легенда на Барселона како фудбалер, а до 2017 година беше и нивни тренер, време кога се шпекулираше дека има лични недоразбирања со Алба.
„Нема да зборувам за тие кои не се тука. Тоа не е табу тема, но нема да зборувам за тоа“, кратко одговори селекторот.
Серхио Бускетс е единствениот фудбалер на Барселона во составот откако Сержи Роберто е повреден, а Жерард Пике се повлече од националниот дрес.
„За тоа повеќе сака да зборува печатот, бидејќи никој обичен човек не ме прашува за тоа. Луѓето сакаат Шпанија да победува, и јас составувам тим од 23 фудбалери кој е мој тим, а не на клубовите. Диего Коста е повреден и тоа е тоа. Пако Алкасер не е во добра форма, така што ќе изберам други фудбалери“, вели Енрике.
Фото: ЕПА