Фудбалерите на Вардар победија во дербито на деветтото коло во домашното првенство против Академија Пандев 3:0. Во ова коло актуелниот првак Шкендија не успеа да победи во дуелот со Ренова.
Црвено-црните против Академија Пандев го запишаа седмиот триумф во првенството и останаа единствениот тим без пораз. Вардар со 23 бода ја предводи лигата.
Против „академијата“ првиот гол го постигна Мицевски и пенал по половина час игра, а во последните 15 минути точка на мечот стави Брдаровски со головите во 74. и 84.минута.
Шкендија добро го започна градското дерби со Ренова, Ибраими постигна гол во 23.минута. Шок за домаќинот следуваше во вториот дел кога Стојановски за 120 секунди направи пресврт. Играчот на Ренова погоди во 53. и 55.минута. Бејтулаи со голот во 79.минута спаси еден бод за Шкендија.
Беласица и Силекс одиграа 1:1, а со идентичен резултат заврши натпреварот помеѓу Шкупи и Работнички. Македонија ЃП со голот на Божиновски освои три бода против Победа.
На табелата води Вардар со 23 бода. Црвено-црните имаат седум бода повеќе од Академија Пандев и Шкендија, потоа следуваат три тима со по 11 бода (Работнички, Ренова и Победа), по 10 бода имаат Беласица и Македонија ЃП, а на последните две места се Силекс со седум и Шкупи со шест бода.