Шахистите на Алкалоид одиграа нерешено 3:3 со Туркиш Ерлајнс во дерби мечот на петтото коло од Европскиот клупски куп кој се одигрува во Врњачка Бања, Србија.
По вчерашното изненадување кое го приреди турскиот тим совладувајќи го прворангираниот тим „СуперЧес“, денеска „фармацевтите“ имаа сериозна шанса за славје бидејќи поведоа со 3:1, но во финишот противниците успеаја да извлечат бод.
Мечот започна со брза победа на Ју Јангји на третата табла, а на четвртата табла Аравинд Читамбарам ја испушти предноста во финишот и ремизираше со својот противник.
На првата табла, Ајрун Еригаиси повторно одигра одлична партија, надигрувајќи го во еднаква позиција, со бели фигури Дмитриј Андрејкин, Со овој резултат, Еригаиси стана петнаесетти шахист кој во шаховската историја ја поминал рејтинг границата од 2800 поени.
Следуваше реми на Велимир Ивиќ на шестата табла, и со тоа Алкалоид имаше веќе минимум нерешен резултат во мечот.
По долга борба Веи Ји беше поразен од Иранецот Магхсудлу. На петтата табла се случуваше вистинска драма. Наруанан во партијата против Володар Мурзин се стекна со одлична предност по отварањето, но по една позициона грешка дојде до комплетен пресврт. По тешка борба, Индискиот велемајстор успеа да влезе во еднаква завршница, со пешак помалку.
Со 9 поени од можни 10, ШК Алкалоид го дели второто место на табелата, додека први се шахистите на двократниот Европски првак Нови Бор од Чешка кои во ова коло ги надиграа претставниците на Нагиканижаи од Унгарија со 4,5:1,5.
Во дуелот зад нив, францускиот клуб Шартр со 3,5:2,5 победи против израелскиот Ришон Ле Цион и им се приклучи на Алкалоид и Туркиш Ерлајнс во делбата на второто место.
Во шестото коло Алкалоид во дербито ќе игра против лидерот Нови Бор.