Top Sport

Незадоволство во Реал: Не сакаме да играме како Барселона

Хулен Лопетеги има 12 дена, кога на програмата е дербито со Барселона, да покаже дека заслужува да биде тренер на Реал Мадрид, во спротивно ќе добие отказ.

Човекот кој непосредно пред почетокот на Светското првенство доби отказ на селекторската функција во Шпанија, за да стане тренер на Реал, доживува тешки моменти, бидејќи екипата е во длабока криза.

Шпанското првенство продолжува овој викенд, а Реал ќе го пречека Леванте. Пред продолжување на првенството Лопетеги имал состанок со Флорентино Перез и од првиот човек на клубот, добил ограничена поддршка или во превод, тимот што го води мора да излезе од кризата и да почне да победува, во спротивно може да си бара нова работа.

Лопетеги се наоѓа пред голем предизвик, особено по информациите дека веќе ја загубил поддршката од играчите, иако неколку пати со своите изјави на негова страна застана капитенот Серхио Рамос.

Новинарот Едуардо Инда, тврди дека играчите се незадоволни од начиниот на кој игра Реал. Лопетеги инсистира на поседот на топката, нешто што наликува на „тики-така“ и што е заштитен знак на Барселона.

„Лопетеги од корен ги смени принципите на Зидан, моделот што го форсира не е прикладен за карактеристиките на фудбалерите. Тие сметаат дека тој се обидува да ја прекопира играта на Барселона и убедени се дека тоа е најголемиот проблем“, пишува овој новинар.

Тој појаснил дека тимот навикнал да игра цврсто, да не се грижи за поседот и иницијативата и да бара начин како што побргу да стигне до голот на противникот. Според него играта која се базира на брза транзиција повеќе им одговара на играите.

Поради тоа резултатите се многу послаби, од оние што ги остваруваше Зидан со истиот тим.

Уште едно познато новинарско име, Гиљем Балаг, тврди дека Лопетеги има три натпревари за да покаже дека заслужува да биде тренер на Реал, со напомена дека евентуалниот пораз од Барселона секако ќе значи отказ.

Иако му се подготвува отказ на Лопетеги, во овој момент Лопетеги нема некоја конкретна опција за нов тренер.

Антонио Конте се споеменува како можно решение, а деновиве повторно излезе и името на германскиот селектор Јоаким Лев. Можно е тој да ја напушти доколку Германија вечерва доживее пораз од Франција, што значи дека тогаш Флорентино Перез ќе може да се надева дека тој би прифатил да го води „кралскиот клуб“.

Scroll to Top