Јусеин Болт ја одбил понудата за двегодишен договор со шампионот на Малта, Валета, потврди агентот на осумкратниот спринтерски олимписки шампион.
Јамајчанецот се обидува да добие профи договор во фудбалот откако беше на тест во австралискиот клуб Централ Коуст маринерс, за кои постигна два гола во пријателски меч минатата недела.
А-лигата во Австралија почнува овој викенд, и Болт уште нема договор, а неговиот агент Рики Симс открива дека тој имал понуда од Валета.
„Има интерес за Јусеин како фудбалер и постојано не бараат клубови од различни страни на светот. Понудата од Малта беше јавна, но можам да потврдам дека Јусеин не планира да ја прифати“, вели Симс за „Омниспорт“.
Валета беше преземена од „Санбан групацијата“ од Абу Даби во септември, кои јавно порачаа дека планираат малиот клуб од малата островска држава да го пробијат во Лигата на шампионите.
„Шампионите секогаш се добредојдени во Валета ФЦ и ние тука веруваме дека ништо не е невозможно“, изјави директорот на клубот Гастон Слимен.