Од Вимблдон за Топспорт, Ненад Живановски-Столиќ
Пред почетокот на годинешниов трет гренд слем турнир во Вимблдон, на воведната прес конференција, најдобриот тенисер на сите времиња, Новак Ѓоковиќ одговори и на три прашања на известувачот на Макфакс и Топ Спорт.
Макфакс: Новак, прв противик на Турнирот во вторник ќе ви биде Александре Муле од Франција. Во интервјуто дадено за интернационалниот тениски портал, „Клеј“, тој открива две приватни работи кои би сакал да ги прокоментирате. Првата, после Киријос тој е вториот тенисер кој јавно кажува дека објавува фотографии на Онли Фенс.
Звучи забавно, но, можеби, открива еден аспект од тенисот и спортот, проблем со кој спортистите се сретнуваат, а тоа се финансиите за да ја продолжат кариерата и патуваат низ светот на турнири. Неговиот втор проблем е здравствен. Тој боледува од Кронова болест, што често може да биде незгодно во текот на мечот.
Ме занима, дали постои емпатија во врвниот спорт, кога се јавува сериозен здравствен проблем додека трае играта? Колку сте подготвени тоа да го толерирате во ситуација кога е интензитетот висок и кога прекинот може да влијае на резултаот? И, на крај, повеќе како констатација: би ве потсетил дека македонскиот премиер уште во 2019. година јавно ве покани да дојдете во Скопје и Охрид и дека сé уште ве чекаме.
Ѓоковиќ: Во право сте. Најпрво на тоа ќе одговорам. Треба да дојдам во Македонија, и многу бргу тоа ќе го сторам. Ветувам!
Што се однесува до Муле, не сум знаел за неговата ситуација. Тоа е сериозна болест и сериозен здравствен проблем. Не сум во негова кожа, но верувам дека не му е лесно секојдневно, особено кога е вклучен во врвни, професионални спортови. Го имаме случајот и со Александар Зверев, кој е дијабетичар и кој се боцка со игла за време на натпревар за да го балансира нивото на шеќер во крвта, што е навистина необично, но и импресивно! Од друга страна, гледајќи го стресот и сè што подразбира врвниот тенис, а тие да успеваат да ги надминат тие сериозни здравствени предизвици и да бидат таму каде што се, особено Зверев, кој е втор-трет во светот, и Муле, кој има извонредни резултати, игра најдобар тенис веќе неколку години и има најдобар ренкинг. Му посакувам сé најдобро, не во натпреварот со мене, но приватно имам апсолутно сочувство за сè низ што поминува.
Јас, искрено, не ни знам како изгледа таа платформа Онли Фенс! Сé што знам е дека се покажуваат делови од телото повеќе отколку што би требало, но искрено – не знам како изгледа! Дека тоа е поврзано со финансиски проблеми и предизвици – можно е. И не е прв пат некој играч да направи нешто такво. Луѓето и медиумите нé претставуваат нас неколкумината на врвот што заработуваме милиони дека сме богати кои сé нешто се бунат и жалат околу пари. Јас секогаш се трудев кога можев, особено кога бев активен во Советот на играчи на АТП или ко-основач на ПTПA, постојано да зборувам за тоа колку е важно да се шири свеста за тоа колку мал број на играчи живее од овој спорт.
Многумина го напуштаат спортот, огромното мнозинство уште на почетокот од кариерата, затоа што немаат поддршка од Федерацијата или од некој спортски систем. Огромното мнозинство од нив играат тенис, но немаат средства да платат тениски тренер или кондиционен тренер, а камоли физиотерапевт. Секако дека постојат спортови кои се мачат многу повеќе од нас, но кога зборувам конкретно за Муле и така натаму ова се некои реални ситуации што се присутни и се случуваат. Затоа и ПTПA, како организација која ги застапува правата на играчите, е основана да се бори за тие играчи и за нивни подобри услови.