Ѕвездата на Ред бул, Макс Ферстапен вели дека ветувањето на Рено дека следната година ќе имаат целосно нов мотор со кој ќе бидат поблиску до Мерцедес е само „истата стара песна“.
Шефот на Рено, Сирил Абитебул изјави дека неговата компанија е „жртва“ на борбата за коњски сили на Мерцедес и Ферари оваа сезона, но вети дека следната година со нов дизајн ќе ја намалат разликата која е огромна по стартот на В6 турбо-хибридната ера во 2014.
Тимот на Ферстапен, Ред бул од следната година ќе вози со мотори на Хонда и Холанѓанецот признава дека е исфрустриран од старите партнери.
„Мислам дека истото го кажаа и минатата година. Идејата уште пред четири години беше да се стигнат Мерцедес и Ферари. И пред три години. И пред две години. Тоа е старата песна. Не ми е грижа и воопшто не размислувам веќе за нив. Сега се подготвувам за предизвикот со Хонда“, вели Ферстапен.
Неговиот колега, Даниел Рикардо следната сезона ќе вози токму за фабричкиот тим на Рено и тој има поинакви очекувања.
„Кога потпишав, знаев дека има работа пред нас и знам дека тие работат напорно и се обидуваат да изградат посилен мотор. Очекувам свеж старт“, изјави Австралиецот.
Фото: ЕПА