Алексис Санчез не тренирал пред мечот на Манчестер јунајтед со Јувентус во Лигата на шампионите и веројатно тој нема ниту да игра против „старата дама“ во дербито на колото.
„Играчите што ги видовте на тренингот ќе играат. Алексис Санчез нема да игра“, им изјавил на новинарите тренерот на „црвените ѓаволи“, Жозе Мурињо.
Ситуацијата со Чилеанецот само ги засили шпекулациите дека тој сака да го напушти Манчестер јунајтед. Алексис има постигнато само еден гол од почетокот на сезоната, играл на седум натпревари, а единствено 90 минути на теренот бил против Лестер во првото коло, во Премиер лигата.
Алексис, во јануари, како големо засилување пристигна на „Олд Трафорд“, но не ги исполни очекувањата. Зад своето име како играч на Јунајтед досега има запишано само четири гола.