Вест Хем јунајтед поради серијата лоши резултати реши да му врачи отказ на менаџерот Славен Билиќ. „Чеканите“ во саботата беа поразени од Ливерпул (1:4), а од почетокот на сезоната од можните 33, имаат освоено само девет бода.
Славен Билиќ на кормилото на Вест Хем застана во 2015 година, медиумите пренесуваа дека постои можност да го одработи до крај тригодишниот договор, но по поразите од Брајтон и потоа од Ливерпул челниците решија да му се заблагодарат на соработката.
Хрватскиот тренер во првата сезона бележеше одлични резултати, тимот заврши на седмото место во Премиер лигата, но во наредната сезона тимот не беше на посакуваното ниво и заврши како 11. Ланската сезона ја обележа и несогласувањата со најдобриот играч Димитри Паје, кој подоцна му беше продаден на Олимпик Марсеј.
„Претседателот и раководството им се заблагодаруваат на Славен и на неговиот тим за направеното во изминатите две и пол години. Промената е потребна тимот да може да направи чекор напред во согласност со клупските амбиции“, објави Вест Хем јунајтед.
The Chairmen and board of West Ham United would like to place on record their thanks and gratitude to Slaven Bilic and his team.https://t.co/rg0Jvoh9Tf
— West Ham United (@WestHamUtd) November 6, 2017
Покрај Билиќ, клубот го напуштија и неговите помошници Никола Јурчевиќ, Един Терзиќ, Јучијан Дикс и Миљенко Рак.
Билиќ во својата тренерска кариера бил тренер на Хајдук, Локомотива, Бешикташ и на репрезентацијата на Хрватска.
Според англиските медиуми, на клупата на „чеканите“ ќе го наследи Дејвид Мојс.