Еден Азар нема да игра за Челси во мечот од Лига Европа против БАТЕ во четврток поради мала повреда на грбот, а исто така е неизвесен и за дуелот од Премиер лигата против Барнли во недела, потврди тренерот на „сините“, Маурицио Сари.
27-годишниот Белгиец е во фантастична форма оваа сезона со осум постигнати голови, но нема да игра во релативно неважниот меч против белорускиот шампион, откако „сините“ почнаа со две победи во натпреварувањето.
„Утре нема да игра, тоа е сигурно, бидејќи има проблем со грбот кој треба да го решиме до недела. Не е лесно. Играме два меча за 65 часа, и тоа не е нормално“, се пожали Сари.
Тој исто така додаде дека планира да го одмори и 26-годишниот италијански репрезентативец Жоржињо, посебно бидејќи веќе следната среда, Челси играат во Лига купот против Дерби Каунти.
Фото: ЕПА