Рафаел Надал и Новак Ѓоковиќ, двајцата најдобри на АТП листата, се наоѓаат под жесток притисок на јавноста бидејќи не се огласиле во врска со нивниот егзибициски меч, што кон крајот на годината треба да го одиграат во Саудиска Арабија.
Саудискиот новинар и дисидент, Џамал Кашоги, кој живеел и работел во САД е брутално убиен во амбасадата на оваа земја во Истанбул, Турција. Поради тоа Саудиска Арабија трпи жестоки критики од целиот свет.
Меѓутоа двајцата тенисери не се огласиле по повод овој случај, иако на 22.декември, треба да играат во Џеда.
Бидејќи Надал и Ѓоковиќ се познати по филантропската работа и се почитувани како хуманитарци, светот од нив двајца очекува да упатат критики кон Саудиска Арабија.
Најжестоки во критиките се „Њујорк тајмс“ и „Гардијан“, а светските медиуми најчесто коментираат дека тенисерите се на раскрсница.
Доколку одбијат да играат во Саудиска Арабија, тоа би можело да ја загрози нивната безбедност, но на тој начин би укажале дека режимот во оваа држава е репресивен и на тој начин би ја подигнале свеста за човековите права.
Од друга страна, доколку не се откажат од настапот во Џеда, светот тоа ќе го разбере како поддршка на режимот.
За мечот што треба да го одиграат во Џеда, Надал и Ѓоковиќ треба да добијат по еден милион долари.
„Ние не можеме да ги одредуваме земјите кое треба да организираат спортски настани. Во исто време, јасно е дека организацијата на еден таков настан е обид да се маскира целата ситуација. Надал и Ѓоковиќ одлучуваат каде ќе ги играат своите ревијални мечеви, но кога веќе одат во Џеда, би сакале да ја искористат својата популарност и да укажат на тоа дека таму сериозно се кршат човековите права“, рекол за „Тајмс“, Алан Хогарт од британскиот огранок на Амнести интернешнал.