Top Sport

Фијаско на видео-судењето во Бундеслигата

Хелмут Круг, лидерот на проектот за судиска помош преку видео (ВАР), е заменет по обвинувањата дека постоело „влијание“ во неговата работа, по што голем број фанови побараа укинување на видео-одлуките.

ВАР се тестира оваа година во Италија и Германија, додека Светската фудбалска асоцијација (ФИФА) уште не одлучила дали ќе се користи контроверзниот систем на Светското првенство во Русија следното лето.

Во Германија експериментот предизвика контроверзи, и „Келн“, бидејќи таму е центарот на разгледување на видеата стана синоним за лоши и пристрасни одлуки. Во понеделникот, магазинот „Кикер“ одеше со наслов: „Само лузери – иритација, казни, погрешни одлуки“, со слика на судија со црвен картон.

Најтиражниот германски весник „Билд“ тврдеше дека Круг двапати влијаел на одлуки за пенали во корист на Шалке, тимот за кој навива, при 1:1 ремито против Волфсбург пред една недела.

„Верувам дека имаме погрешни луѓе во Келн“, изјави спортскиот директор на Аугзбург, Штефан Ројтер.

Круг ги отфрли обвинувањата, но Германската фудбалска федерација (ДФБ) го отстрани од позицијата и го постави поранешниот врвен судија Луц Михаел Фрелих како негова замена ветувајќи „транспарентност“.

„За мене, најважно е судијата да ја задржи својата одговорна улога на теренот и играчите, како и гледачите да имаат доверба во него“, изјави Фрелих по назначувањето.

Минатата недела, ДФБ побара ВАР да се користи почесто во текот на мечевите, дури и судијата на теренот да не направил очигледна грешка, нешто на што тимовите реагираа луто.

„Целата комуникација со ДФБ е катастрофална. Имате тест-фаза за системот, но ништо не е транспарентно. ВАР ни е потребен само кога има клучни одлуки“, изјави спортскиот директор на Борусија Менхенгладбах, Макс Еберл.

Со него се согласи и тренерот на лидерите Баерн Минхен, Јуп Хајнкес.

„Мислам дека не треба да го исклучиме судијата од натпреварот. Само во многу сериозни ситуации ни се потребни видео-снимки. Вака го разводнуваме фудбалот“, објасни Хајнкес.

Навивачите најмногу се лутат на „кршењето“ на текот на играта, бидејќи понекогаш се потребни по неколку минути да се донесе одлука.

Добар пример за ова беше ремито 3:3 меѓу Волфсбург и Херта во неделата, кога првите два гола за домаќините во првото полувреме беа поништени од ВАР, што ги разбесни домашните навивачи.

Scroll to Top