Промотерот на ВБЦ шампионот во тешка категорија, Дионтеј Вајлдер ќе му забрани на боксерот да дојде во Лондон на „смешен“ тест-меч за да се „квалификува“ за меч против носителот на ВБА и ИБФ титулите, Ентони Џошуа.
Промотерот на Британецот Џошуа, Еди Херн му порача на Вајлдер дека мора да го победи Дилијан Вајт на „О2 арената“ во Лондон на 3 февруари за да докаже дека е доволно добар за меч за обединување на титулите следното лето.
„Смешки! Кога ќе се сретнат следната година, ако Џошуа не се исплаши, Дионтеј ќе го нокаутира. Тој е непоразениот ВБЦ шампион и ги нокаутираше сите свои противници и нема да оди во Англија за некоја бозо-претстава бидејќи некој промотер таму сака на еден свој боксер да му обезбеди плата. Вајлдер-Џошуа е мечот кој сите го сакаат, меѓу двајцата најдобри тешкаши на денешницата. Имам само почит за Еј-Џеј, меѓутоа Дионтеј е најсилниот удирач на планетата и кога ќе го удри ќе спие, нема да станува како со Владимир Кличко“, изјави промотер Лу Дибела.
Вајлдер и Џошуа остварија победи во своите последни мечеви. Прво Џошуа на „Принсипалити“ во Кардиф го нокаутираше Карлос Такам по осум рунди во контроверзна завршница, пред Вајлдер во импресивно удирачко шоу да го „здроби“ Бермејн Стиверн во една рунда.
Џошуа би сакал да стане првиот апсолутен шампион по Ленокс Луис, но на тој пат сигурно стои Вајлдер, но прво тој треба да боксува со ВБО шампионот Џозеф Паркер, а потоа и со задолжителен предизвикувач од ВБА асоцијацијата пред да размислува за дуел со „Бронзениот бомбардер“.
Но, на крајот фановите ги „поставуваат“ мечевите. Никој не веруваше дека Флојд Мејведер ќе боксува со Мани Паквајо, но на крајот тој меч заработи 600 милиони долари. 32-годишниот Вајлдер и 28-годишниот Џошуа не можат да чекаат долго.