Селекторот на Англија, Томас Тухел, застана во одбрана на своите тактички одлуки по болниот полуфинален пораз од Аргентина (2:1) и порача дека ја презема целосната одговорност за елиминацијата, но дека не жали за ниту еден потег.
На прес-конференцијата пред натпреварот за третото место против Франција, германскиот стратег одговори на критиките што ги доби поради тоа што неговата репрезентација, по водството од 1:0, се повлече во одбраната и на крајот дозволи пресврт.
„Ако некому му е потребен виновник, тогаш тоа сум јас. Јас сум селекторот и ја преземам одговорноста. Не се каам за своите одлуки. Ги носев врз основа на искуството, инстинктот и желбата да му помогнам на тимот да победи. За жал, резултатот не беше таков каков што посакувавме“, изјави Тухел.
Тој објасни дека по голот на Ентони Гордон решил да премине на формација со петмина во последната линија бидејќи Аргентина го зголемила притисокот.
„По нашиот гол Аргентина играше со многу поголемо темпо. Не успевавме да ги запреме нивните центаршутеви ниту играчите кои влегуваа во шеснаесетникот. Затоа преминавме на систем со петмина во одбраната за да ги затвориме крилните позиции. Но, станавме премногу пасивни, додека Аргентина го крена нивото на игра“, рече Тухел.
Тој додаде дека повлекувањето на капитенот Хари Кејн подлабоко во одбраната било последица на тимската тактика, а не индивидуална замисла.
Како една од причините за падот во финишот на натпреварот, Тухел ја посочи и големата физичка исцрпеност на неговите фудбалери.
„Не сакаме тоа да звучи како изговор, но натпреварот против Мексико на голема надморска височина, кога долго игравме со играч помалку, како и дуелот со Норвешка на голема жештина, оставија последици. Играчите дадоа апсолутно сè на секој натпревар“, истакна селекторот.
И покрај разочарувањето, Тухел порача дека Англија има мотив во дуелот за третото место против Франција.
„Овој пораз најмногу нè боли нас. Тоа е лузна што ќе ја носиме, но ќе ја надминеме и ќе ја искористиме како мотивација. Ако ја победиме Франција, ќе го оствариме најдобриот резултат на Англија на Светско првенство во последните 60 години“, рече тој.
На крајот, Тухел призна дека Англија сè уште не е на нивото на најголемите светски сили.
„Сè уште постои разлика меѓу нас и најдобрите. Аргентина, Шпанија и Франција на секој голем турнир доаѓаат со јасна цел да ја освојат титулата. Нашата задача е да ја намалиме таа разлика. Нема да престанеме да ја бркаме таа цел и да ги предизвикуваме најдобрите репрезентации во светот“, порача Тухел.
