Top Sport

Баерн реагираше на она што го објави сопругата на Милер

Фудбалерите на Баерн Минхен не се навикнати да има некој пред нив на табелата во Бундеслигата. Во моментов двете Борусии се пред најтрофејниот германски тим, што предизвикува многу нервози кај фудбалерите и тренерот Нико Ковач.

Баерн, во саботата, ремизираше со Фрајбург во Минехн (1:1), а нерешениот резултат минал во сенка на „Инстаграм инцидентот“, што го предизвика Лиза Милер, сопругата на Томас Милер.

На својот профил на оваа социјална мрежа таа реагирала што тренерот Ковач дури во 70.минута решил во игра да го внесе нејзиниот сопруг, кој во минатото имаше загарантирано место во тимот.

„Требаше да минат повеќе од 70 минути за да му дојде паметот“, напишала Лиза Милер алудирајќи на замената што ја направил Ковач.

Но оваа објава му предизвикала проблеми на Томас, кој морал да одговара на новинарски прашања по натпреварот.

„Беше во афект. Кога ќе размислам тоа не беше добра работа. Но, таа ме сака, што треба јас сега да направам?“, рекол Милер.

Тренерот Ковач воопшто не бил вознемирен од она што го напишала сопругата на фудбалерот.

„Нема што да објаснуваме. Не е Томас тој кој што напишал нешто“, рекол хрватскиот тренер.

На крајот поради големиот интерес на медиумите се огласи и клубот, со соопштение дека Лиза Милер му се извинила на тренерот Ковач.

„Лиза Милер, сопругата на Томас Милер, по завршувањето на натпреварот со Фрајбург, дојде на стадионот и лично му се извини на тренерот Ковач, поради нејзината објава на ‘Инстаграм’. Ковач го прифати нејзиното извинување“, стои во соопштението.

Баерн, за два дена ќе игра против АЕК во Лигата на шампионите, а на 10.ноември ги очекува дербито со Борусија Дортмунд.

Scroll to Top