Top Sport

Следната тениска генерација – кои се осумте тенисери во Милано?

Денеска во Милано започнува првиот „Некст џен“ турнир на кој ќе бидат собрани најдобрите седум тенисери под 21 година и еден италијански „џокер“. Кои се тенисерите за кои можеби ќе слушаме почесто во блиската иднина

 

АНДРЕЈ РУБЛЕВ (РУС)

Ова е годината во која Рублев го направи своето име – ја освои првата АТП титула и стигна до четврт-финалето на САД опен. Рублев триумфираше на Умаг опен во Хрватска како „среќен губитник“, односно со загубено последно коло во квалификациите.

20-годишниот Русин на патот на Флешинг Медоуз изненди двајца топ 10 носители, пред да загуби од подоцнежниот шампион Рафа Надал.

КАРЕН ХАЧАНОВ (РУС)

Хачанов е единствениот од финалистите кој влегол во топ 30 на машкиот тенис (беше 29. во август). Тој ја освои првата титула во кариерата лани во Ченгду, Кина, а оваа година стигна до пет четврт-финалиња, и едно полуфинале во Хале, каде што тесно загуби од Роџер Федерер.

Русинот исто така беше во четвртото коло на Ролан Гарос и третото коло на Вимблдон. Со своите 1.97 метри, Хачанов е физички силен и неговиот форхенд е еден од најдобрите на турнејата.

ДЕНИС ШАПОВАЛОВ (КАН)

Со 18 години, Шаповалов е најмладиот тенисер во Милано, а 2017 беше година со многу променливи моменти за Канаѓанецот.

Тој стана „славен“ поради погрешни причини во февруари, кога беше дисквалификуван од одлучувачкиот меч во Дејвис купот против Британија, откако исфрустриран по загубен поен со топче (ненамерно) го повреди судијата на столче, Арну Габас.

Но,тој се врати од тој момент за во август да стане најмладиот тенисер во полуфинале на Мастерс 1000 турнир во Торонто, победувајќи го Рафаел Надал. Покрај тоа, тој е најмладиот тенисер кој стигнал до четвртото коло на Флешинг Медоуз по Мајкл Ченг во 1989 година.

БОРНА ЧОРИЌ (ХРВ)

Борна Чориќ е еден од ретките 20-годишни тенисери кои можат да се пофалат дека ги победиле Рафа Надал и Енди Мареј. Чориќ во октомври 2014 го победи Надал во четврт-финалето во Базел, влегувајќи во топ 100 како најмлад тенисер токму по Надал.

Оттогаш, Хрватот  има променлива форма, но го победи Надал повторно во 2016, сезона која ја прекрати предвреме поради операција на коленото. Но, тој се врати со прва АТП титула во Казабланка во април, а го победи Мареј на Мадрид опен следниот месец.

ЏАРЕД ДОНАЛДСОН (САД)

Единствениот Американец во Милано, Доналдсон влезе во топ 100 по САД опен во 2016, кога стигна до третото коло, пред оваа година да го подобри пласманот и да е 55. на АТП-листата.

Необично за американски тенисер, силата на Доналдсон не е во сервисот, туку во ретурнот. Многумина го споредуваат со Вавринка, Дел Потро и Цонга по стилот на игра.

ХЈЕОН ЧУНГ (КОР)

Кореецот Чунг е препознатлив на тениските терени по своите очила кои ги носи на теренот. Всушност, Чунг почнал со тенисот токму да го задржи видот бидејќи докторите му советувале дека гледањето во зелената боја може да му помогне.

Чунг во 2015 беше тенисерот со најголем скок на АТП-листата, откако се искачи 100 места до 51. место. Негов најдобар резултат на гренд слем турнирите е третото коло на Ролан Гарос.

ДАНИЛ МЕДВЕДЕВ (РУС)

Третиот Русин во Милано е можеби најконтроверзниот, ако не најталентираниот. Медведев на Вимблдон оваа година го победи Стен Вавринка во првото коло, но во второто доби голема казна за неспортско однесување.

По поразот од Белгиецот Рубен Бемелманс, Медведев го отвори својот паричник и фрли монети пред нозете на судијата по неколку одлуки кои не му се допаѓаа. Медведев по ова се извини и најави дека оди на психолог за да му помогне со однесувањето.

ЏАНЛУИЏИ КВИНЦИ (ИТА)

Италијанските тениски надежи се фокусирани кон Квинци откако во 2013 година тој стана јуниорски број 1 на светот и победи на јуниорскиот Вимблдон. Меѓутоа, комбинацијата на повреди и промени на тренери значеше дека досега тој не го искористи својот голем потенцијал.

Квинци на турнирот се квалификуваше со победа на италијанскиот квалификациски турнир.

Scroll to Top