Top Sport

Ангеловски ги собра репрезентативците, повикан и тинејџерот Османовски

Селекторот на македонската фудбалска репрезентација, Игор Ангеловски, ги собра репрезентативците во пресрет на пријателскиот натпревар со Норвешка, кој ќе се одигра в сабота од 18.30 часот во Скопје.

Ангеловски соочен со неколкуте откази поради повреди, во репрезентацијата го повика 18-годишниот играч на Унтерахинг Анес Османовски. Со неговото повикување селекторот ја продолжува праксата на екстра-талентирани фудбалери да им даде можност да ја почувствуваат атмосферата во сениорската репрезентација. Оваа пракса Ангеловски ја започна со Чурлинов и Атанасов.

„Се соочуваме со одредени кадровски проблеми, дефинитивно поради повреди отпаднаа Никола Ѓоргев и Љупчо Дориев, имаме и ситуација со повредите на Висар Муслиу и Кире Ристески, но тие ќе бидат со нас. Степенот на повредите е што не можеме веднаш да кажеме дали ќе може да играат или не, така што ќе почекаме уште ден-два и ќе ја следиме состојбата со нив. Ситуацијата со Несторовски е позната, го ослободивме на барање на неговиот клуб, кој во тој термин има првенствен натпревар. Поради тоа, го повикав Кире Маркоски, кој беше најдобар стрелец на младата репрезентација. Повикан е и Османовски од Унтерахинг, кој е член на репрезентацијата У18, кој со настапот на квалификацискиот турнир на кој играа Србија, Албанија и Италија покажа дека е фудбалер што има одлични квалитети“, изјави на денешната средба со новинарите Ангеловски.

За дуелот со Норвешка неизвесен и Аријан Адеми, кој се повреди на тренингот на Динамо Загреб.

„Денес ќе ги изврши последните медицински тестови, по што ќе знаме дали ќе игра или не. Има мал израсток на зглобот, тоа го покажа магнетната резонанција. Врз него треба да биде извршена операција за да биде отстранет израстокот. Фудбалерот има голема желба да настапи и за репрезентацијата и потоа и за својот клуб. Тој побара мислење од докторите дали е можно хируршката интервенција да биде пролонгирана. Попладнево ќе го имаме конечниот одговор. Доколку му дозволат лекарите, тој ќе ѝ се приклучи на репрезентацијата“.

Натпреварот со Норвешка е последен за националниот тим во оваа календарска година. Овој противник е одбран бидејќи негува малку поинаков стил на игра, односно инсистира на дуел и скок-игра.

„Очекувам да одговориме на нивниот стил, но и да се обидеме да го наметнеме нашиот стил на игра, односно она што го игравме на изминатите натпревар. Без разлика што имаме многубројни отсуства, верувам во оние што ми се ставија на располагање. Резултатот, секако, дека е императив, особено сега успеавме да напредуваме многу на таа ФИФА ранг-листа. Зошто да не забележиме уште еден позитивен резултат, со што уште малку би напреднале во оваа календарска година. Резултатот е во прв план“, дополни селекторот на Македонија.

Македонија против Норвешка има одиграно три натпревари и нема забележано победа. Во пресрет на меѓусебниот дуел во Скопје, Норвешка на ФИФА-листата се наоѓа на 58. место, а Македонија е на 85.

Scroll to Top