Top Sport

Мурињо е незадоволен во Јунајтед, медиумите го селат во ПСЖ

Жозе Мурињо е еден од најдобрите тренери во светот на фудбалот, но каде и да работи, порано или подоцна, се појавуваат проблеми.

Португалецот ја започна втората сезона како менаџер на Манчестер јунајтед, кој нема титула во Премиер лигата од сезоната 2014/2015. Новата сезона со неколку нови играчи Јунајтед ја започна со големи амбиции, но по 11 натпревари во првенството, „црвените ѓаволи“ имаат осум бода помалку од градскиот ривал Сити.

Сепак, навивачите не се задоволни најмногу од играта и тактиката, а во исто време Португалецот не е премногу задоволен од односот на раководството. Според пишувањата на локалните медиуми што се блиски до клубот, Мурињо размислувал по завршувањето на сезоната да го напушти Јунајтед.

„Не сум сигурен дека тука ќе ја завршам кариерата“, изјави неодамна Мурињо.

Португалецот е незадоволен бидејќи смета дека раководството не вложило доволно во тимот, иако Јунајтед во летниот преоден рок донесе засилувања во вредност од 150 милиони фунти.

Мурињо во тимот ги сакаше уште и Перишиќ, Дајер и Бејл, нешто што спортскиот директор Ед Видфорд не го реализира, а како што пишува „Манчестер ивнинг њуз“, ниту за Гризман не била испратена конкретна понуда.

Истиот извор наведува дека голема е веројатноста Мурињо по завршувањето на сезоната да го напушти клубот и да се пресели во Париз, каде што би го наследил Унаи Емери. ПСЖ секако дека е клуб што може да ги исполни сите барања на Мурињо.

Scroll to Top