Викендов во Њујорк се одржа 47. маратон, еден од најмасовните и најпознати маратони во светот (покрај Чикаго, Бостон, Лондон, Берлин и Токио).
Овој пат на маратонот трчаше само еден Македонец, Грегор Пановски, додека Марија Дибјаџо ја трчаше трката на 5 километри.
„Трета година по ред работам како волонтер на маратонот, на делењето бројчиња на учесниците. Трката на 5 километри, која ја трчаат 10.500 луѓе, ја трчам втора година по ред“, изјави Марија за „Топспорт“.
Позитивни впечатови и искуство од маратонската трка носи и Грегор Пановски, кој досега трчал на маратоните во Берлин, Чикаго, Рорердам, Амстердам и Париз.
„Трката беше одлична, прекрасна атмосфера, милионска публика за вистинско доживување на маронот. Ова ми беше прв настап во Њујорк, а седми маратон до сега. Како патека, Њујорк е најтежок од маратоните што сум ги трчал, а тоа се Берлин, Чикаго, два пати Ротердам, Париз и Амстердам. Се подготвував 16 недели, но времето од 4:03:34 часа за мене е скромен резултат. На вљубениците во трчањето би им препорачал да дојдат и да го истрчаат њујоршкиот, ама не како прв маратон, туку претходно убаво да се подготват“, вели Пановски.
На њујоршкиот маратон годинава се пријавиле 98.247 маратонци, а само 51.000 од нив, кои беа извлечени по пат на лотарија, настапија на маратонот.