Давид де Хеа може да биде убеден да го продолжи престојот на „Олд Трафорд“ од фановите, но и од неговата девојка, поп-ѕвездата Едурне Гарсија, тврди „Манчестер ивнинг њуз“.
Договорот на шпанскиот голман завршува на крајот на сезоната, но Манчестер јунајтед се подготвени да му дадат договор со плата од 300.000 фунти неделно, и според локалниот весник, 28-годишниот Шпанец е мотивиран од љубовта која ја добива од лојалните навивачи, но и од својата девојка.
Гарсија, која остана во Шпанија кога Де Хеа потпиша од Атлетико во Јунајтед, по осум години „љубов на далечина“ оваа година се пресели во Велика Британија за да биде поблиску до Де Хеа. Таа е огромна ѕвезда во Шпанија, и ја претставуваше земјата на Евровизија во 2015 година. Иако, кога Де Хеа потпиша за клубот од Манчестер ,таа го опиша градот во северот на Англија како „погрд од местото позади фрижидерот“, сега сака да остане во Англија.
Доколку, сепак, се реши за трансфер, Де Хеа нема да има проблем да најде клуб – Јувентус се први фаворити, но и Пари Сен-Жермен би биле заинтересирани.