Top Sport

Андонова со деби-гол за Барса во ЛШ

Најдобрата македонска фудбалерка, Наташа Андонова го постигна првиот гол за Барселона во Лигата на шампионите, откако каталонскиот тим доминантно со 0:6 триумфираше на гостувањето кај Гинтра во Литванија.

Андонова, која влезе во игра во 65. минута од мечот, го постигна последниот гол за убедливата победа на Барселона Фемени и речиси сигурен пласман во четврт-финалето на женската Лигата на шампиони.

Андонова во Барселона дојде на почетокот на оваа сезона од тимот на Пари Сен-Жермен.

23-годишната Андонова пред мечот во Литванија даде интервју за шпанскиот портал „sport.es“, во кое зборуваше за својата цел со тимот на Барселона. Во воведот, тие ја опишуваат како фудбалски ветеран – од својата 16-та година работи во Германија, по што играше во шведскиот Росенгард и во ПСЖ, пред да дојде во Барселона со една цел – да се освои титулата од ЛШ.

„Гладна сум за титули и ЛШ е големата цел. Играв во неколку клубови и освојував повеќе лиги, но никогаш Лигата на шампиони. Сакам да бидеме барем во финалето, а ако играме вака можеме да бидеме на големото финале. Фудбалот е фудбал и сè може да се случи во 90 минути“, вели Андонова.

Адаптацијата поминува добро за Македонката и таа вели дека во Барселона е важен и стилот.

„Стилот е многу важен. Кога ќе дојдеш во Барселона сфаќаш дека целиот тим игра исто – првиот тим, младинскиот тим, женскиот тим. Се обидуваме да ја држиме топката и тоа ми се допаѓа и како гледач и како играч. Во германскито фудбал на пример, како да не постојат играчи од средниот ред. Но, таму станав посилна. Барселона е прекрасно место. Тука во Шпанија, културата и луѓето наликуваат на Македонија и е место каде што можам да останам подолго време“, вели Андонова, која има двегодишен договор со Барселона.

Scroll to Top