Лионел Меси со хет-трик ја однесе Аргентина до 3:1 победа над Еквадор со која тие обезбедија пласман на Светското првенство во Русија во 2018 година.
Кога постоеше можност Аргентина првпат од 1970 година да не игра на еден Мундијал, нивниот капитен ја презеде улогата на спасител во тимот, постигнувајќи три гола на висока надморска височина во Кито.
„Денеска Аргентина направи голем чекор напред. Се надевам дека ќе имаме време да се подготвиме и да бидеме конкурентни како денеска. Меси е фантастичен, но мораме да го поправиме тимот и да не зависи сè од него“, вели аргентинскиот селектор, Хорхе Сампаоли.
Меси не беше во најдобра форма во аргентинските квалификации и немаше постигнато гол во последните три меча кои завршија нерешено, со што тие паднаа на шестото место пред натпреварот со Еквадор.
Шансите да има СП без Аргентина се зголемија кога Ромарио Ибара донесе водство за Еквадор во првата минута, поминувајќи го Хавиер Маскерано и совладувајќи го Серхио Ромеро со удар по земја. Аргентина, која има само една победа во Кито во 2001 година, израмни 11 минути подоцна по одлична акција на Меси и Анхел ди Марија, а Меси стрелаше и во 20. минута со одличен удар, за да го комплетира хет-трикот по еден час игра, поминувајќи тројца дефанзивци на Еквадор.
Двократните шампиони со ова завршија како трети во јужноамериканските квалификации и директно одат во Русија со Бразил, Уругвај и Колумбија, додека Перу ќе игра бараж против шампионот на Океанија, Нов Зеланд, а фаворизираните Чилеанци се елиминирани.