Флорентино Перез, синоќа, презадоволен го напушти Париз, бидејќи Лука Модриќ од неговиот Реал, ја доби „Златната топка“. Првиот човек на Реал, изминатиот период е критикуван поради шпекулациите дека води кампања против Крстијано Роналдо.
Португалецот, по девет години, летово реше да се пресели во Јувентус, а на церемонијата во Париз, Перез не пропуштил да испрати „отровни стрели“ кон Португалецот.
„Модриќ не е најдобриот само оваа година, тој неколку години е најдобар во светот. Сите пред него го ставаат Кристијано Роналдо, но Модриќ ја заслужи оваа награда. Направи неверојатни работи за Реал и репрезентацијата на Хрватска“, рекол Перез.
„Уште во 2012 година кога дојде кај нас знаевме дека еден ден ќе ја освои Златната топка“, заклучил првиот човек на Реал.
Според медиумите, Перез во Париз, разговарал со Фабио Паратичи спортскиот директор на Јувентус, на кого му порачал дека нема намера да им го продаде Иско. Исклучок би направил само доколку Јувентус ја плати откупната клаузула која изнесува 700 милиони евра.
Од друга страна шпанските медиуми, во вторникот, објавија дека од Англија до Перез пристигнале три понуди за Иско. Овој играч во своите редови сакаат да го видат Челси, Арсенал и Тотенхем.