Малку фудбалери на светот кога имале 15 години на себе имале толку голем товар како Норвежанецот Мартин Одегард.
Поминаа три години откако фудбалските фанови беа фокусирани на името на Одегард, кој добиваше понуди од Баерн Минхен, Манчестер јунајтед, Рома, Ливерпул и Ајакс по одличните настапи за локалниот тим Стромсгодсет.
Веднаш се пишуваа пофалби и предвидувања дека Одегард ќе биде иден освојувач на „Златната топка“, и тогаш дојде договорот со Реал Мадрид. Меѓутоа, работите тргнаа во погрешна насока. Поранешниот тренер на Реал, Карло Анчелоти во својата биографија го опиша Одегард како типичен пример на „потпишување поради јавноста“. Одегард беше пратен во тимот на Кастиља, пред во јануари оваа година да биде позајмен на 18 месеци на Херенвен во Холандија.
По лошите неколку месеци, тој повторно беше „отпишан“, пред оваа сезона да покаже дел од своите квалитети. Сега 18-годишниот Норвежанец, со враќањето во форма во Ередивисие дури доби повик во норвешката репрезентација првпат од март 2016 и доаѓа во Скопје на пријателски натпревар овој викенд.
Тренерот на Херенвен, Јирген Штрепел е сосема задоволен
„Видов некои неверојатни моменти од Мартин Одегард. Им кажав на момците да му ја даваат топката и да трча“, вели Штрепел.
Иако Одегард нема постигнато гол оваа сезона, статистиката на холандската лига вели дека тој е играчот кој креирал најмногу шанси за Херенвен оваа сезона, а само тројца играчи од холандската лига имаат повеќе дриблинзи.
„Мислам дека одиграв некои добри натпревари, но и некои не толку добри. Морам да учам од грешките и да се развивам како играч. Се обидувам да работа напорно и да бидам подобар во иднина“, изјави скромно Одегард.
Сега, Одегард ќе добие шанса да го импресионира норвешкиот селектор Ларс Лагербак и македонската публика по долга пауза, а сигурно внимателно ќе го следат мечот и тренерите и шефовите на Реал Мадрид.