Top Sport

Бирхов: Германија е загрижена од успесите на младите Англичани

Оливер Бирхов, поранешен германски репрезентативец, а сега директор на сениорскиот национален тим, рекол дека сите во Германија го забележале напредокот на младите селекции на Англија и дека поради тоа на некој начин се загрижени.

Бирхов рекол дека било невозможно да не се забележат успесите на англиските селекции за играчи до 17 и 20 години, кои станаа светски шампиони, и успешниот настап на селекцијата до 19 години на Европското првенство.

Сениорските репрезентации на Англија и Германија в петок ќе одиграат пријателски натпревар на „Вембли“, а Бирхоф вели дека Германија не живее од старата слава и дека во тек е отворањето на фудбалскиот центар кој ќе биде Харвард на фудбалот.

„Мислам дека Англија направи успех благодарение на образовниот центар за играчи и тренери. Слушнав дека во премиерлигашките клубови има сѐ повеќе млади домашни играчи и тоа е добро. Ние во Германија нешто слично започнавме во 2000 година и тоа е процес што долго трае. Со тие играчи вистинскиот резултат го забележавме во 2010 година“, изјавил Бирхоф за британски „Телеграф“.

Според него, успесите на младите селекции јасно ставаат до знаење дека Англија работи на произведување млади фудбалери кои ќе може да им парираат на најдобрите селекции, како, на пример, на Германија.

„Англија е фудбалска нација и секогаш е сјајно да се игра против неа. За големи успеси е потребно време, а вие веќе ги гледате успесите во младите селекции. Ние во Германија сме малку загрижени бидејќи овие ваши млади играчи ќе стануваат сѐ подобри и подобри. Кога од страна ќе ја погледнете репрезентацијата на Англија, веднаш се забележува дека веќе се формира еден тим кој ќе биде совршен спој на искуство и млади сили. Промената е јасно видлива, особено на полето на самодовербата што ја покажуваат англиските играчи до 17 и до 20 години, кои станаа светски шампиони. Тоа ја покажува силата. Сѐ повеќе млади фудбалери играат во Премиер лигата, која е најсилна и најуспешна во Европа и тоа може само да ги направи уште подобри играчи“, рекол Бирхоф.

Фудбалските репрезентации на Англија и Германија пријателскиот дуел ќе го одиграат в петок од 21 часот.

Scroll to Top