Претседателот на Пари Сен Жермен, Насер Ал-Келаифи, поради кореографијата на натпреварот со Црвена ѕвезда во Лигата на шампионите, наводно се жалел кај првиот човек на УЕФА, Александар Чеферин.
На Ал-Келаифи не му се допаднала пораката „Looking for something“, на која стојат камила и шеик.
Ал-Келаифи од ложата на стадионот „Рајко Митиќ“, два пати телефонски разговарал со Чеферин и му се жалел на дискриминација.
Наводно, Чеферин му порачал дека не видел ништо спорно во транспарентот со кој навивачите на Црвена ѕвезда алудирале на обидот на ПСЖ да ја освојат европската титула, бидејќи пораката потоа на источната трибина ја покажува годината 1991 кога белградскиот тим го освои тогашниот Куп на европските шампиони.
Сепак, наводниот инцидент Ал-Келаифи не го спомнал по натпреварот, кога давал изјави за француските медиуми.
Инаку, ПСЖ во Беград ја победи Црвена ѕвезда со 4.1 и се пласира во осмина-финалето, каде за противник го доби Манчестер Јунајтед.