Фудбалерот на Реал Мадрид, Марко Асенсио, поради повреда ќе отсуствува од тимот на Сантијаго Солари во наредните четири недели. Шпанскиот репрезентативец се повреди во полу-финалето, на Светското клупско првенство, против Кашима (3:1).
Асенсио, против шампионот на Азија, во игра влезе во второто полувреме, а набргу беше заменет поради повредата. Лекарскиот тим на Реал откри дека Асенсио има повреда на квадрицепсот на десната нога, од втор степен.
Реал не откри колкава пауза го очекува крилниот напаѓач, но медиумите шпекулираат дека тој најмалку четири недели ќе биде надвор од тимот.
Покрај финалето со Ал Аин, на Светското клупско првенство, Асенсио ќе ги пропушти и натпреварите со Виљареал, Реал Сосиедад и Бетис во Ла Лига, односно пресметките со Леганес во четврт-финалето во Купот на Кралот.