Фернандо Алонсо го пофали Луис Хамилтон како еден од великаните во Формула 1, откако на минатата трка во Мексико Сити, возачот на Мерцедес стигна до четвртиот светски трофеј.
„Луис е еден од најголемите возачи во нашиот спорт и го покажа тоа, посебно со Мекларен кога немаа најдобар болид. Во 2009 на пример, болидот воопшто не беше добар, а тој победуваше. Такви перформанси го поставуваат него многу високо. Последните три титули со Мерцедес беа со доминантен болид и беа малку полесни, но го заслужува овој успех бидејќи го покажа својот талент толку многу пати“, вели Алонсо во интервју за „Скај спортс“ пред Бразилското ГП овој викенд.
Оваа изјава не доаѓа како изненадување, бидејќи Алонсо повеќе пати изјавуваше дека го цени Британецот, со кого помина една „бурна“ сезона заедно во Мекларен во 2007, по што Шпанецот си замина откако, како што веруваа многумина, не доби улога на возач број 1 во тимот.