Top Sport

Вардар не бега од фаворитската улога против Загреб

Европскиот првак, Вардар, викендов гостува во Загреб каде што во рамките на седмото коло во А-групата во Лигата на шампионите ќе му гостува на ППД Загреб.

Вардар и ППД Загреб од почетокот на сезоната веќе имаат одиграно два натпревара. ППД Загреб два пати гостуваше во Скопје и доживеа два убедливи пораза во СЕХА-лигата и Лигата на шампионите.

Мината сезона Вардар во походот на европската титула првиот сезонски пораз го доживеа токму од овој противник.

„Сега ситуацијата е слична како лани. Одиме во Загреб како фаворити. Лани ние игравме добро 45 минути, имавме 5 гола, па загубивме. Треба да имаме почит кон ривалот, да играме 60 минути со мотив и концентрација. Знаеме дека ќе биде тешко, таму секогаш се игра со доста притисок“, вели Раул Гонзалес, тренерот на Вардар.

Шпанскиот стратег за гостувањето во Загреб на располагање ќе ги има сите играчи. Во тимот се враќа и Бразилецот Рожерио Мораеш, кој не играше од 14 октомври и натпреварот со Барселона.

Натпреварот во Загреб се игра в сабота од 20 часот. Во пресрет на дуелот Вардар е лидер во групата со 11 бода, а ППД Загреб по шест одиграни натпревари сѐ уште нема победа и има освоено само два поена.

Scroll to Top