Top Sport

Надал не може да гарантира дека ќе биде фит

Светскиот рекет број 1, Рафа Надал признава дека уште не може да гарантира дека ќе игра на АТП финалето во Лондон, кое почнува овој викенд.

Надал треба да игра со Белгиецот Давид Гофан во првиот меч на турнирот во понеделник, но пред новинарите призна дека повреденото колено може да не издржи.

„Го давам мојот максимум. Се надевам, но ако не сум подготвен до понеделник, нема да бидам таму. Ако се случи нешто негативно, се собираш и си одиш дома. Но, планот е да бидам тука и да се натпреварувам за титулата“, вели Надал, кој двапати беше финалист на АТП финалето, но тој трофеј му недостасува во богатата колекција.

Надал во петокот тренираше со Марин Чилиќ во „О2 Арената“.

Надал мораше да се повлече од Мастерсот во Париз поради повредата на коленото, но организаторите во Лондон, исто како и фановите кои имаат билети, сега ќе мора да се молат да го гледаат светскиот број 1. Роџер Федерер вели дека турнирот не би бил ист без Надал.

„Тој е нашата суперѕвезда. Ако тој е тука, тоа е добар знак. Ќе биде интересно, но се надевам дека ќе игра добро“, вели Швајцарецот.

Scroll to Top