Фудбалскиот клуб Челси го официјализира трансферот на талентираниот крилен напаѓач Кристијан Пулишиќ. Челси на Борусија Дортмунд за репрезентативецот на САД ќе и плати 64 милиони евра.
Според договорот на клубовите, Пулишиќ, до крајот на сезоната ќе остане во Дортмунд, каде ќе настапува како позајмен играч од Челси, а играч на „сините“ ќе стане од сезоната 2019/2020.
„Сонот на Кристијан е да игра во Премиер лигата. Тоа и не е толку чудно, сепак тој е Американец. Поради тоа не добивме можност да го продолжиме договорот со него и решивме да ја прифатиме богатата понуда на Челси. Верувам дека до крајот на сезона Кристијан ќе ни помогне да оствариме што е можно подобри резултати“, рекол спорскиот директор на Борусија, Михаел Цорк.
„Потпишавме договор со еден од најдобрите млади играчи во Европа. Иако има само 20 години тој го покажа својот квалитет во Германија. Веруваме дека во него има потенцијал да стане важен играч за Челси во годините што доаѓаат. Со нетрпение го чекаме летото и неговото доаѓање на „Стенфорд Бриџ“. Му посакуваме успешни настапи за Дортмунд до крајот на сезоната“, рекла за клупската интернет страница, Марина Грановскаја, спортската директорка на Челси.
Кристијан Пулишиќ (20) е продукт на фудбалската школа на Борусија, а за првиот тим дебито го имал во 2016 година. За „милионерите“ има одиграно 115 натпревари, на кои забележал 15 гола и 24 асистенции.