Кошаркарите на Денвер победија во Сакраменто 117:111, додека Сан Антонио запишаа триумф над Торонто 125:107.
Денвер Нагетс, водечката екипа во Западната конференција, со голем пресврт во второто полувреме, славеа кај Сакраменто Кингс. Нагетс предводени од тандемот Џамал Мареј-Никола Јокиќ, во второто полувреме надоместија негатива од 15 поени.
Мареј мечот го заврши со 36 поени (34 постигна во второто полувреме), додека Јокиќ имаше 26 поени, 13 скока и шест асистенции.
Кај Сакраменто добар меч одиграа соиграчите на Јокиќ од српската репрезентација Немања Бјелица и Богдан Богдановиќ. Бјелица постигна 17 поени (12 од нив во првата четвртина), додека Богдановиќ во вториот период реализира 11 од своите 14 поени.
Најефикасен во редовите на Сакраменто беше Бади Хилд со 29 поени.
Каваи Ленард нема по добро да се сеќава на враќањео во Сан Антонио. Спарс без проблеми ги совладаа Торонто Репторс со 125:107.
Демар Дерозан кој во трејдот за Каваи Ленард, од Торонто пристигна во Сан Антонио, против својот поранешен тим го забележа првиот трипл-дабл во кариерата.
Дерозан мечот го заврши со 21 поен, 14 скока и 11 асистенции, а го следеа Ламаркус Олдриџ со 23 и Брајан Форбс со 20 поени.
Ленард постигна 21 поен за Торонто, Делон Рајт постигна 15, а Серж Ибака 14 поени.