Top Sport

Американките по рекордна титула против Белорусија

Тенисерките на САД влегуваат во финалето од Фед купот на гости кај Белорусија како фаворитки по 17 години пауза да го кренат трофејот по рекорден 18. пат.

Најуспешниот тим во историјата на натпреварувањето, се врати во финалето првпат од 2010 година, и само две години откако испаднаа во „втората лига“ на Фед купот. Оваа година тие ги победија Германија и Чешката Република и покрај тоа што повторно во тимот ги немаа Серена и Венус Вилијамс. Коко Вандевеге, најновата топ 10 тенисерки оваа година, победи во сите пет мечеви во кои играше.

„Белорусинките си завршија одлична работа оваа година и ги заработија сите свои победи. Имаат млади таленти и домашна публика зад нив. Тоа ќе биде предизвик за нас“, вели американскиот капитен, Кејти Риналди.

Во првиот меч во Минск, Вандевеге игра со уште една непоразена тенисерка во натпреварувањето, Алиаксандра Саснович.

Белорусија беше вистинско изненадување оваа година, откако по успешното влегување во елитата имаат вкупно 10 победи во низа, и влегоа во финалето без својата прва ѕвезда, Викторија Азаренка, која има проблеми со старателството на својот едногодишен син и нема да биде дома.

Белорусија ќе се потпре на светската тенисерка број 87., Саснович и 19-годишната Арина Сабаленка, најдоброрангираната Белорусинка на 78. место на ВТА-листата. Сабаленка во вториот меч ќе игра со Слоун Стивенс, шампионката од САД опен, која сепак, нема победа по шокантниот триумф во Њујорк во септември.

Ако мечот додје во двојки, Шелби Роџерс и Елисон Риски се фаворитки против Вера Лапко и Лидзија Марозава.

Scroll to Top