Top Sport

Солзите на Федерер во интервјуто за Си-ен-ен (Видео)

Воочи почетокот на првиот Гренд слем во сезоната, Австралија опен, еден од најдобрите тенисери на сите времиња, Роџер Федерер, не можел да ги контролира емоциите, кога новинарката Кристина Мекферлејн го потсетила на неговиот прв тренер Питер Картер.

Питер Картер е еден од најважните луѓе во кариерата на Федерер. Тој починал во јануари 2002 година.

„Морам вечно да му бидам благодарен на Питер, поради техниката на моите удари. Тој ме тренираше во локалниот клуб во Базел, во раните 90-години од минатиот век. Бев уште момченце. Нашата соработка траеше до 2000 година“, рекол Федерер.

Картер, Австралиец од Аделаида, настрадал во сообраќајна несреќа, додека бил на свадбено патување во Јужна Африка. Една година по неговата смрт Федерер го освоил првиот Гренд слем трофеј.

Кога новинарката го запрашала: „што мислите како Питер би гледал на овие 20 Гренд слем титули“, Федерер започнал да плаче.

„Верувал дека би се гордеел со мене. Тој не сакаше да бидам само голем талент. Неговата смрт беше голем удар за мене, но и емотивно будење, тогаш започнав да тренирам уште повеќе“.

Дека Федерер никогаш не го заборавил тренерот Картер говори и податокот дека со години наназад, родителите на Питер се редовни гости во неговиот бокс на Австралијан опен во Мелбурн.

Scroll to Top