Антони Марсијал е „еден од најдобрите играчи на светот“, вели неговиот колега од француската репрезентација и од Манчестер јунајтед, Пол Погба.
21-годишниот напаѓач е еден од клучните играчи на „Црвените ѓаволи“ оваа сезона и покрај тоа што не секогаш е стартер во тимот на Жозе Мурињо, и тој помогна Јунајтед и без повредениот Погба да остане на осум поени од лидерите Манчестер сити, со шест гола во сите натпреварувања. Марсијал поради ова доби повик во француската репрезентација.
„Сигурен сум дека тој е одличен играч. Дури и пред стартот на сезоната беше клучен човек во тимот. Антони е огромен талент. Еден од најдобрите кои сум ги видел и со кои сум имал шанса да тренирам. Покрај тоа, тој е млад и ќе биде уште подобар. Ќе слушаме уште за него, тоа е сигурно“, вели Погба.
Марсијал дојде во Јунајтед од Монако во летото 2015 година во договор од 58 милиони фунти и оттогаш има 107 настапи за клубот и 31 гол. Одлуката на Мурињо да го користи како замена не го налути Французинот, иако тој нормално посакува повеќе стартови.
„Полесно е кога го стартуваш натпреварот. Кога доаѓаш од клупата, другите играчи се загреани и влезени во играта, а ти мораш веднаш да се прилагодиш. Верувам во моите квалитети и мислам дека менаџерот има доверба во мене, така што треба да му докажам дека треба да играм повеќе“, објаснува Марсијал.