Швајцарскиот репрезентативец Гранит Џака им порача на фудбалерите на Северна Ирска да престанат да „плачат“ за контроверзниот пенал по кој Швајцарија стигна до 1:0 победа во Белфаст и е на чекор до пласман на СП.
Романскиот судија Овидиу Хатеган реши да покаже на белата точка на „Виндсор парк“ во четвртокот по нафрлената топка која заврши во раката на Кори Еванс, по што Рикардо Родригез ја искористи шансата и ги донесе Швајцарците во водство. Снимките покажаа дека раката на Еванс беше припиена до телото кога Џердан Шаќири шутираше. Џака вели дека дискусиите треба да сопрат.
„Не знам зошто се работи за толку голема тема и зошто има толку дискусии. Треба да го оставиме тоа на страна. Ние бевме подобриот тим и ќе го покажеме тоа повторно во недела и ќе се квалификуваме во Русија. Имаме навистина добар тим. Да се зборува толку многу за тоа дали бил пенал, дали не бил, на крајот судијата ја прави одлуката и тоа не треба да не интересира“, вели играчот од средниот ред на Арсенал.
Швајцарскиот селектор Владимир Петковиќ вели дека романскиот судија бил „во основа добар“, но дека и тој пропуштил некои ситуации – како влечењето на Штефан Лихтштајнер во пеналтикот, кога судијата реши дека се работи за слободен удар за Северна Ирска.
„Дали би прифатил да се работи за обратна ситуација? Секако, како професионалец ќе ја прифатам секоја одлука на судијата. Знам дека многу се зборува за ова, но судиите мораат да се почитуваат. Имаше доста одлуки кои не беа во наша корист“, вели Петковиќ.
Кори Еванс и сопругата се извинија за навредите за романскиот судија