Кореецот Хјеон Чунг вторпат во една недела го совлада рускиот фаворит Андреј Рублев за да ја освои титулата од „Некст џен“ турнирот во Милано, каде што беа собрани најдобрите тенисери до 21 година играјќи во експериментален формат кој треба да ја претставува иднината на тенисот.
20-годишниот Чунг, кој почна со тенисот само поради советот на еден лекар дека монотоните бои на тениските терени можат да му помогнат во подобрувањето на слабиот вид, се врати од сет негатива за 3:4(5)/5:3(3)/4:2/4:2 победа над исфрустрираниот прв носител и голема надеж на рускиот тенис, Рублев.
„Навистина не знам што да кажам. Можам само да се заблагодарам на моето семејство и моите пријатели, како и на организаторите на турнирот“, вели Чунг, за кого ова е прва титула на АТП-ниво до која стигна со совршен 5-0 скор.
Сонародникот на Рублев и негов добар пријател, Данил Медведев официјално го освои третото место на турнирот, откако неговиот противник, Хрватот Борна Чориќ се повлече од мечот. Чориќ имаше фантастични три победи во низа во натпреварите по групи, но очигледно „изгоре“ пред полуфиналето во кое беше поразен од Чунг.
What a way to finish ? Take a bow, Hyeon Chung!#NextGenATP pic.twitter.com/7D0ykkfLr1
— Next Gen ATP Finals (@nextgenfinals) November 10, 2017