Шпанските гиганти Реал Мадрид уште сега се подготвени да потрошат дури 200 милиони евра за ѕвезда во текот на летниот преоден рок, јавува „Марка“, по што дел од шпанските медиуми почнаа да „лицитираат“ со понудите – дали ќе се донесе ѕвездата на Тотенхем, Хери Кејн, или ќе се „фрлат“ пари на незадоволниот Нејмар, со дополнителен плус да се исфрустрираат ривалите од Барселона
Доколку повредите во тимот на Зинедин Зидан продолжат да се поворуваат, „Лос бланкос“ не планираат да направат трансфер во јануари, бидејќи тогаш во тимот ќе пристигне младиот Бразилец Винисиус Жуниор. Сепак, според анализите на „Марка“ ова е совршено време да се обезбедат услугите на клучен фудбалер кој би играл покрај Кристијано Роналдо во следната сезона.
Логиката на „Марка“ вели дека тимот не е подготвен да „фрли“ 150 милиони евра за било кој играч, туку за најдобриот – Нејмар. Минатото лето, Реал се обиде да го донесе Килијан Мбапе во Мадрид, но неговото семејство сметаше дека е најдобро да се остане во Франција и да се прифати богатата понуда на Пари Сен-Жермен.
Сепак, за планот да се донесе Нејмар на „Сантијаго Бернабеу“, најверојатно ќе се потребни над 450 милиони евра, бидејќи ПСЖ плати рекордни 222 милиони евра во текот на летото. Бразилецот постојано демантира дека постојат проблеми со тренерот Унаи Емери и со адаптацијата на животот во Париз, но шпекулациите остануваат дека тој е незадоволен и е разочаран од трансферот.
Од друга страна, публикацијата „Дон балон“, тврди дека Реал имаат голема шанса да го донесат „најжешкиот“ англиски играч, Хери Кејн, кој според нив веќе им соопштил на раководството на Тотенхем и на тренерот Маурисио Покетино дека сака да замине во Шпанија.
Според „Дон балон“, Кејн бил воодушевен од средбата со Кристијано Роналдо во двобојот во Лигата на шампионите, и наводно го сменил мислењето за својата иднина кога стапнал на „Сантијаго Бернабеу“ во првиот меч меѓу двата тима.
Тотенхем, речиси сигурно, ако Кејн сака да си замине, нема да го дадат на некој од заинтересираните ривали од Премиер лигата, како двата тима од Манчестер, а можеби и Челси, така што трансферот во Шпанија не изгледа толку нереален. Покрај тоа, Тотенхем, како што се пошегува нивниот претседател Даниел Леви, веќе подолго време го „хранат“ Реал со играчи – од Лука Модриќ и Герет Бејл.
Останува да се види дали сè ова се само желби на ентузијастички расположениот шпански печат, или нешто од трансферите ќе се оствари.