Шпанскиот ветеран Цеск Фабрегас признава дека бил шокиран од отпуштањето на Тјери Анри како тренер на Монако само што тој пристигна на „Луј Втори“, признавајќи дека пристигнал во малото кнежевство токму поради легендарниот Французин.
Монако реши да ја прекрати соработката со Анри по катастрофалните резултати со кои тимот ќе се бори за опстанок во француската Лига 1, и го врати Бразилецот Леонардо Жардим на клупата на тимот.
Фабрегас и Анри играа заедно во Арсенал и се добри пријатели, што била главната причина за неговото заминување од Челси овој месец.
„Една од главните причини поради кои се одлучив за Монако е бидејќи Тјери ме побара. Тој ме познава многу добро и сакаше да бидам лидер на овој тим, да играм во секој натпревар, во секоја минута. Одиграв два натпревари под него и потоа дојде шокот. Верувам дека Тјери ќе биде одличен тренер во иднина и тоа е тоа. Веќе ништо не ме изненадува во фудбалот“, вели Фабрегас.