По стартот од седум победи и едно реми, Оле Гунар Солксјер мора да се подготви за супер-февруари, во кој го очекуваат пресметки со главните ривали од Премиер лигата, како и двобојот со Пари Сен-Жермен во Лигата на шампионите.
Норвежанецот, кој го замени Жозе Мурињо во декември, вели дека неговиот тим е целосно подготвен за сите предизвици. Овој месец, Јунајтед ќе игра со Лестер и Фулам, пред да дојде првиот меч против ПСЖ. Потоа следува петтото коло од ФА купот против Челси, пред дуелот со Ливерпул на 24 февруари.
„Тимот е фантастично подготвен, веќе имавме шест недели заедно и дознавме кои се нашите сили и нашите слабости. Го прифативме предизвикот, можеби мечот со Барнли ќе не натера да се замислиме, бидејќи губевме до самиот финиш. Ќе почнеме со Лестер и Фулам, пред трите големи меча со ПСЖ, Ливерпул и Челси. Кога мислите дека тоа е крај, доаѓа Кристал палас. Сепак, подготвени сме, тимот е голем и само Маркос Рохо е повреден“, објаснува Солскјер.
Фото: ЕПА