Италијанскиот селектор Џанпјеро Вентура, кој е под големи критики на „чизмата“, вели дека неговиот тим ќе се обиде да се квалификува за Светското првенство, „играјќи фудбал“ по лошиот прв меч против Шведска.
69-годишниот Вентура, најстариот италијански селектор во историјата, вели дека ќе му бидат потребни месеци да ги послуша сите совети кои ги добил по 1:0 поразот во петокот во Стокхолм. Тој пораз го вклучи „алармот“ во Италија дека првпат по 60 години нема да бидат на едно СП и пред реваншот на „Сан Сиро“ во Милано, италијанските медиуми се во „делириум“.
Италијанците се жалеа на групата игра на Шведска во првиот натпревар, вклучувајќи го стартот по кој Леонардо Бонучи доби скршен нос, додека Швеѓаните се жалеа на „игрите“ на теренот.
„Ние сме Италија, и ако се квалификуваме, сакам да можеме да кажеме дека го направивме играјќи фудбал. Не знам каква ќе биде играта, но се надевам дека ќе играме во коректен дух. Добив толку совети последните неколку денови, што ако ги послушам ќе ми бидат потребни месеци. Знам како одат работите кога си селектор, но навистина не го очекував ова. Секој тренер слуша совети и ги анализира, но одлуките се наши“, вели Вентура.
Голманот Џанлуиџи Буфон призна дека тимот е во состојба на „висока тензија“.
„Ова е важен меч за нас и нашата историја. Важно е за фудбалот во нашата земја да бидеме на Светско првенство. Тензичен сум, но притисокот е сосема доволен“, додаде Буфон.